Како млади амбасадори за помирување назначени на конференцијата организирана од www.iea.rs во Белград, Р. Србија, Јасмина, Викторија и Сања се здобија со доживотната функција за споделување на толеранција и прифаќање на другите за достигнување на глобален мир.
Јасмина, Викторија и Сања се втора генерација амбасадори од Македонија кои го добија задоволството, но и одговорноста за пренесување на искуството, како и ширење на толеранција, соживот , прифаќање различности, помирување, карактеристики кои би требало секој човек да ги поседува за секој да се чувствува слободен да биде тоа што е и да си го гради карактерот според сопствените гледишта.
Припадноста на било која нација не ги дели луѓето на помалку или повеќе човечни. Секој човек со своето раѓање го добива правото на живот на планетата на која живеат сите други народи од кои се состои светот, што значи дека сите делат исти права и обврски. Да се биде човечен и да се прифатат последиците предизвикани од минатото овозможува безбеден и мирен живот. Со органзирање на вакви настани и споделување на мислењата меѓу младите кои на различни начини учествуваат во некаква дискриминација или поделба на етничка основа, се врши големо влијание врз менување на мислењето и начинот на однесување на младите кои се основни носители на меѓучовечките односи за градење на беспрекорна иднина.
Сите сме биле информирани и запознаени за злоделата нанесени на нашата нација, но дали сме размислиле дека и другата страна страдала? „За танго се потребни двајца“ е добро позната изрека која метафорично ги опишува сите меѓусебни односи. Па како што за конфликт се потребни двајца, така и за помирување се потребни истите тие двајца. Не е фер да застанеме субјективно на една страна и да не размислуваме и да ги обвинуваме тие од другата страна кои имаат исти последици, од било каква природа, како што имаме и ние, изјавува Јасмина Пислевиќ.
По тој повод, за идентификацијата, толеранцијата и дискриминацијата ќе се разговара на трибината „Моќта на идентитетот. Јас сум промената што сакам да ја видам во светот“ која ја оранизира Јасмина во понеделник (27.01.2014) во 20:45, во амфитеатарот на Машинскиот факултет/Факултет за електротехника и информациски технологии, на која се поканети сите заинтересирани за споделување на мислењето и стекнување нови сознанија.
Izvor: fakulteti.mk

