Програмата „Млади амбасадори за регионално помирување“ (Youth Reconciliation Ambassadors), која се спроведе од 8 до 13 септември во Белград, им даде шанса на група млади граѓански активисти и млади професионалци од Балканот, поточно од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и од Косово, да ги прошират своите знаења на теми за регионалното помирување и за европското интегрирање. Проектот, кој се организира веќе трета година по ред од страна на невладината организација „Младински одбор за образование“ од Белград, а кој е финансиран од Амбасадата на Велика Британија во соработка со мисијата ОБСЕ од Србија, понуди програма преку која младите имаа шанса јасно и отворено да дебатираат, да следат предавања и да понудат визија за европската интеграција. Македонија за првпат оваа година се приклучи на оваа програма со четворица студенти, кои доследно успеаја да ја понудат својата визија за иднината на балканското интегрирање во Европа.
Програмата се состоеше од четири основни теми: историја на Југославија, човекови права и конфликти, Европска Унија и малцинства. Предавачи беа еминентни професори од Белградскиот универзитет, како на пример професорката по историја Дубравка Стојановиќ, но и дипломати како претставници од амбасадите на Германија, Словенија, Босна и Херцеговина и на Велика Британија, како и предавачи од мисијата ОБСЕ од Србија. Дотолку повеќе, имавме шанса да се сретнеме и со амбасадорот на Приштина во Белград, господинот Валдет Садики, кој ни ги пренесе деталите од Бриселскиот договор, неодамна постигнат меѓу Приштина и Белград, и кој даде свое видување за состојбата на Балканот и за неговото натамошно интегрирање во ЕУ. Исто така, организаторите се потрудија во текот на програмата да посетиме неколку позначајни институции, па така, освен Белградскиот парламент, успеавме да ги посетиме и канцеларијата на Белградскиот суд за воени злосторства, Хуманитарниот центар за правда, како и невладината организација за европска мобилност.
За крај, сега, кога ја носам титулата млад амбасадор, сакам да им порачам на сите млади луѓе од Македонија да се вклучуваат што е можно повеќе во програми во кои ќе имаат шанса да запознаат луѓе од Балканот, па и од пошироко. Ваквите програми овозможуваат согледување на повеќе различни перспективи што се многу важни за политичките и за социјалните решенија на регионот. И да не заборавиме да бидеме промената што сакаме да ја видиме кај другите.