Младински амбасадори од Македонија
Две децении по крвавата војна во Босна и Херцеговина, петнаесет по судирите на Косово и тринаесет по конфликтите во Македонија, потребата од развиена соработка на сите нивоа меѓу државите од поранешна Југославија никогаш не била поголема.
До ваков заклучок дојдоа дваесетте учесници на програмата насловена „Младински амбасадори за помирување“, во организација на српскиот „Младински одбор за образование“, низ петдневниот интензивен семинар кој неодамна се одржа во Белград.
„Низ разговор со локални експерти од областа на политичките науки, но и со видни политички фигури, на чело со амбасадорот на ЕУ во Белград, Мајкл Девенпорт, беше подвлечено дека искуството на Хрватска може да послужи како добар пример за другите екс-југословенски земји на патот кон европските интеграции. Самите тие, пак, во поглед на сè уште свежите рани од воените злосторства, треба и понатаму да работат на трајно помирување и простување меѓу народите, вечно сеќавајќи се на минатото и внимателно учејќи од грешките“, се вели во дописот до медиуми.
Нашата држава на овој семинар успешно ја претставуваа група млади студенти и активисти: Кристијан Фидановски, Филип Цветановски, Даниел Ѓокески, Сања Богатинова и Анеса Алити.